Американскиот амбасадор на Косово, Филип Коснет, за време на одбележување на Денот на исчезнатите лица во војната од 1998-99 година, порача дека одговорните за смртта на илјадници цивили мора да се изведат пред лицето на правдата.

Коснет ги повика Косово и, како што рече, неговите соседи, да се соочат со „темните моменти во заедничката историја“, при што директно го посочи режимот на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ.

Заради генерациите што доаѓаат го поттикнувам народот на Косово и вашите соседи да прифатите и да разговарате директно за темните моменти во заедничката историја. За некого тоа ќе значи признавање на реалноста на кампањата за етничко чистење спроведена од режимот на Милошевиќ, што резултира со убиството и исчезнувањето на илјадници луѓе. Треба да се осигура дека одговорните ќе понесат целосна одговорност. За народот на Косово тоа треба да подразбира дека вие и вашата демократија ќе се придржувате на највисоките принципи и ќе осигурате дека ќе одговараат пред законот сите тие индивидуи кои извршија злосторства за време и по војната, и покрај горчливата реалност дека многу други виновници во некои други места до сега ја избегнаа правдата – рече американскиот амбасадор.

Коснет порача дека САД ќе продолжат да ги поддржуваат Косово и неговите соседи во напорите за градење мир, правда и напредок.

Никој да не се сомнева во тоа колку е длабоко и цврсто пријателството меѓу САД и Косово. Американската поддршка во напорите за градење мир, правда и напредок за Косово и соседите на Косово, останува цврста. Посветеноста на Америка за иднината на Косово претставува ценето наследство за тие што загинаа за земјата да се стекне со слобода – истакна Коснет.

На чествувањето во Меје присуствуваше комплетниот државен врв на Косово, вклучително претседателот на државата Хашим Тачи, парламентарниот спикер Кадри Весели, премиерот Рамуш Харадинај, како и други јавни личности и политичари од власта и опозицијата.

Денот на исчезнатите лица беше одбележан и во Приштина, каде што беа положени цвеќиња пред Обелискот на исчезнатите.

Вкупниот број на исчезнати во цело Косово, Албанци и Срби, според податоците на Црвениот крст, на „Хјумен рајтс воч“ и на други меѓународни и домашни организации, е околу 1.650 лица.