Познатиот албански писател Исмаил Кадаре денеска објави дека е против ревизија на границите меѓу Србија и Косово.

Кадаре, кој е најпознат албански писател и кој долги години живее во Франција, истакна дека „корекција на границата“ ќе ја наруши стабилноста на Балканот.

„Територијалниот интегритет на Република Косово мора да се зачува и секое тврдење за промена на границите или фрагментација на Косово нема да биде во интерес на мирот и стабилноста во регионот“, објави Кадаре.

Овој влијателен писател во политиката и во јавноста предлага иднината на Прешевската Долина како и другите делови на Балканот да се насочат кон Европа, што може да се направи преку поголема посветеност на претставниците на Прешевската Долина во соработка со меѓународниот фактор.

Во меѓувреме, во однос на посетите на раководните луѓе на Србија на Косово, Кадаре рече дека исто така Албанците од Прешевска Долина имаат право да бидат посетувани од претставници на Тирана и на Приштина.

Кадаре истакна дека е задоволен од развојот на односите меѓу Албанија и Косово, но оти чувствува „жалење“ за Прешево.