Илјадници Грци, според Ефимерида дури 35.000, присуствуваа на погребот на Константинос Кацифас, во албанското село Буларат, кој беше убиен од албанските спеијалци на 28 октомври. Кацифас беше носен низ погребната поворка во отворен ковчег покриен со грчки знамиња. За време на церемониата, како што јави МИА, биле извикувани расистички и навредливи пораки, како на пример „Албански кучиња”, „Албанци одете си, ова е Грција”, извикуваа и „Северен Епир е грчки и Македонија е грчка”.

Ворио или северен Епир, Грците го нарекуваат јужниот дел на Албанија.

Во погребната поворка беше и грчкиот пратеник од Нова демократија Савас Анастадиас, како и албанските поранешни министри и екс пратеници Спиро Ксера и Ванѓел Таво, кои се етнички Грци, како и лидерот на Партијата за заштита на човековите права, во која членуваат албанските Грци и актуелен пратеник Вангел Дуле, кој во изјава за медиумите побара побрзо да се открие вистината за убиството на Кацифас.

Сочувство на семејството му изрази, а присуствуваше и на погребот, кипарската европратеничка Елени Теохару, која пред некој ден изјави дека прашањето за Кацифас ќе го испрати до Европскиот парламент.

-Тој можеше да биде уапсен, но го убија. Го уби албанската полиција, изјави тогаш Теохару.

Во Буларат денеска има големо присуство на екипи на грчки и албански медиуми. На албанските медиуми семејството на убиениот не им дозволи да се приближат до нивниот дом а не давале ниту изјави за нив бидејќи „не ги признавале албанските туку само грчките медиуми”

Според албанските медиуми, на преминот Какавија, на албанско-грчката граница кај Ѓирокастро, каде има засилени мерки на контрола, приведени се двајца грчки државјани, кои со себе имале оружје и маски, додека на осум други грчки државјани не им е дозволен влез во Албанија, поради, како што се наведува „нивни екстремистички однесувања”.

Грчките министертва за надворешни работи и за одбрана претпладнево упатија апел за воздржаност до грчките граѓани кои се во Буларат.