Темата за трговијата со бугарските државјанства очигледно почнува да бранува се повеќе европски институции, пишува софиски „Капитал“. На бранот на очекуваниот од власта прием на Бугарија во Шенген зоната пролетва, се повеќе држави-членки на ЕУ сфаќаат дека корупциската шема околу добивањето бугарски пасоши може да се покаже како ризик за нивната национална безбедност.

Со години наназад се знае дека луѓе, кои добиле бугарско државјанство, потоа вршеле криминални дејства. Индикативна е историјата на Македонец, кој за време на целата процедура бил во затвор…во Германија, а документите очигледно биле поднесувани од друг.

Меѓународниот одглас го изнервира премиерот, кој кон крајот на годината прво во Софија се сретна со пратеници од државите на ЕУ, а потоа и со заменик-претседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, за да ги демантира написите во странските медиуми. Причината најверојатно е во загриженоста дека скандалот може да биде закана за членството на Бугарија во Шенген, што ГЕРБ инаку би ја искористил како свој адут во својата кампања за европските избори. Дотолку повеќе што дел од сето тоа е и партијата, која со години раководи со некои од надлежните институции во веригата за издавање докумети, а нејзиниот лидер е заменик на Бојко Борисов во владата.

Всушност, трговијата со државјанствата ги покажува сериозните ризици, што ги носи корупцијата. Ако сложените внатрешнополитички околности во државите основачи на ЕУ се причина тие да прават компромиси, затворајќи ги очите пред проблемите во Бугарија, прашање на време е кога ќе сфатат дека тие проблеми многу брзо ќе станат и нивни, вклучувајќи ги и заканите за нивната национална безбедност.