Министерката за европски интеграции на Косово, Дурата Хоџа, очекува дека Европската унија до крајот на годинава ќе ги заврши процедурите за укинување на визниот режим за косовските граѓани.

Во интервју за јавниот радиодифузен сервис РТК, Хоџа изјави дека Косово ги исполнило сите услови што му биле поставени и дека очекува процесот на одлучување да се заокружи до крајот на оваа година. Сепак, како што нагласи таа, одлуката е во рацете на Советот на министри на ЕУ.

Европскиот парламент пред неколку дена, со мнозинство гласови донесе одлука за укинување на визите за Косово, но како што напомена Хоџа, во оваа институција се гласа според партиските, а не според државните ставови. Така, се случи неколку пратеници од Франција и Холандија да гласаат против либерализацијата, иако нивните држави ја имаат признаено независноста на Косово.

Според косовската министерка за евроинтеграции, се забележува тенденција на десничарските и конзервативните партии да гласаат против либерализацијата, но тоа не се гласови конкретно против Косово, туку против миграцијата воопшто.

Таа не очекува петте држави членки на ЕУ кои не ја признале независноста на Косово да гласаат против визната либерализација. Предизвикот, според министерката Хоџа, е да ги убедат конзервативците да гласаат „за“.