Загриженост за ставот на Турција во грчко-турските односи изразуваат 84 отсто од Грците, за мигрантското/бегалското прашање 83 отсто, додека, пак, за коронавирусот загриженоста е двојно помала, односно 42 процента, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
Сепак истражувањето било спроведено додека во Грција имаше само девет потврдени случаи на Ковид-19, со оглед на тоа дека во текот на вчерашниот ден беа објавени нов 21 случај.
За коронавирусот, четворица од десет анкетирани одговориле дека многу или премногу се загрижени за епидемијата од коронавирусот. Загриженоста е најголема (54 отсто) кај лицата над 60 години, а најмала кај младите од 17 до 29 годишна возраст.
На прашањето „колку ве загрижува ставот на Турција, општо, во грчко-турските односи“, 84 отсто од анкетираните одговориле „многу“ (61 процент) или „премногу“ (21 процент),
Слични се одговорите и во однос на мигрантското/ бегалското прашање, 83 отсто рекле дека се „многу“ или „премногу“ загрижени.
За мерките и активностите кои Владата ги презеде на границата со Турција кај Еврос, 76 проценти од испитаниците се изјасниле дека „сигурно се во вистинска насока“ (46 отсто) или „веројатно во вистинска насока“ (30 проценти).
Во однос на распоредот на силите на грчката политичка сцена, владејачката Нова демократија е прва со 39 отсто, 14 повеќе од опозициската СИРИЗА (25 проценти), а потоа следат Движење на промена, Грчко решение, Комунистичката партија и МЕРА25.
Премиерот Кирјакос Мицотакис, повторно е во предност пред поранешниот премиер Алексис Ципрас, според ставот на анкетираните за тоа кој е посоодветен за премиер. Актуелниот грчки премиер добива 45 отсто, а лидерот на СИРИЗА 26 проценти.
Истражувањето на јавното мислење од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, било спроведено во периодот 3-4 март 2020, а телефонски биле интервјуирани 1.258 лица со право на глас.
Comments are closed for this post.