Порака до Скопје и до Анкара испрати од Брисел Прокопис Павлопулос, грчкиот шеф на државата, при што тој потенцира дека Грција се залага за добрососедски односи, но притоа јасно стави до знаење дека Македонија и Турција мора да исполнат одредени услови.

Пораката која во седиштето на Европската комисија на грчките претставници им ја пренел Павлопулос е дека Грција не прифаќа од „ПЈРМ самоволни и нерационални толкувања на Преспанскиот договор“. Всушност ова е старата порака, но сега повторена, и тоа во Брисел, со што претседателот на Грција сака јасно да каже дека мора да бидат исполнети грчките барања за таа да ја крене рампата на патот на Македонија кон НАТО и кон ЕУ.

Павлопулос, како што објавуваат, грчки медиуми, истакнал дека Грција води политика на добрососедство и пријателство и оти тоа го покажува во практика во однос на перспективата (на Македонија н.з.) за членство во НАТО и во ЕУ. Според него, решението за името е согласно историјата и меѓународното право.

Но, за членството, како што подвлекува тој, е потребно да се спроведат неопходни измени во правниот поредок, пред се во Уставот.

„Само кога целиот процес конечно ќе заврши, и ќе се воспостави уставот и сите гаранции, дури тогаш може да има повик за членство во НАТО, како и почеток на преговори за во ЕУ. Само тогаш е можно да се заврши содржината на Договорот меѓу Грција и ПЈРМ и да дојде за ратификација  во Хеленското собрание“, изјавил Павлопулос.

Во однос на Турција, тој рече дека Грција ја поддржува европската перспектива на таа земја, но притоа тој забележа дека нејзиниот сосед мора да ги почитува европските закони, како и сите меѓународни закони и одредби од Договорот од Лозана и Парискиот договор од 1947 година кои „се ссоема јасни и не остваат простор за темни зони“ и мора да бидат почитувани од сите. Притоа, тој посебно потенцираше дека „Турција мора да го почитува Законот за морето“, последно од низата прашања испречени меѓу двата соседа.