Шест лица биле повредени ноќеска во Грција во тепачка меѓу две групи – Грци и Албанци, само десетина часови откако во Албанија беше убиен етнички Грк.

Инцидентот се случил во 02.20 часот во Геракас, областа на Атика. Шесте лица се префрлени во болница. На местото на тепачката е пронајдено и оружје.

Полицијата истражува врска со инцидентот со убиството на Константин Кацифас претходниот ден во Буларат (Вулиратес), Албанија.

Грчката полиција негира директна врска со тој инцидент. Таа соопшти дека станува збор за пресметка заради долгови. Според искази на учесниците во тепачката, дента еден од Албанците, заедно со уште две лица, влегол во продавница во Геракaс за да земе пари кои му ги должеле, при што биле разменети навредливи зборови и настанала мешаница. Нервозата не им поминала, па така решиле да се пресметаат во рани зори кога тепачката прераснала во вистинска војна во која биле употребувани и пиштоли и ножеви.

На крајот тројца Грци и тројца Албанци биле повредени. Најтешко биле повредени еден Албанец кој има повреда од нож во градите, како и еден Грк кој бил погоден од куршум во гркланот.

Медиумите истакнуваат дека и покрај се состојбата е загрижувачка особено што до тој инцидент дојде по убиството на 35-годишниот Кацифас.

Златна зора протестираше во зори

Покрај ова синоќа имаше и протести пред амбасадата на Албанија во Атина кои се одржаа на повик на Северните сојузи на Атина и Златна зора.

Рама: Кацифас беше луд екстремист

Грчките медиуми денес пренесуваат дека Атина како „провокативна“ ја оценува изјaвата на албанскиот премиер, Еди Рама, по убиството на Константин Кацифас во Буларат. Грчкото МНР соопшти дека неприфатлив е јазикот кој се употребува за еден одземен човечки живот и побара случајот да биде целосно истражен.

Медиумите прнесуваат дека албанскиот премиер Рама намсето да повика на такво нешто тој Кацифас го нарекол „луд екстремист кој животот го загуби заради екстремната глупавост“.

Албанската полиција соопшти дека тој отворил оган врз полицајци кои дошле во Буларат по повици дека таму имало пукање. Тој пукал врз полицајците, а кога му било наредено да се предаде тој тоа го одбил и почнал да пука. На возвратениот оган тој бил погоден со еден куршум во глава и еден во градите.

Инаку албанската влада упати повик до Грција да учествува во истрагата.