Грчката полиција спроведува внатрешна истрага за да открие како на новогодишните календари наменети токму за полицијата е објавена мапа на која наместо ФИРОМ е отпечатено „Македонија“.

„Ефимерида“ пишува дека на календарите, кои веќе се пуштени во продажба, „по грешка“ е отпечатена Македонија, па дури не стои ни „Северна Македонија“, како што е предвидено со Преспанскиот договор, кој уште не е во сила оти треба да биде ратификуван од двете страни.

Скандалот со полициските календари е поголем затоа што уште едно болно „национално прашање“ за Грците е предмет на „печатна грешка“ – Кипар кој на мапата е обележан како Б. Кипар, а „псевдо државата“ Северен Кипар е токму така и обележан.

По ова полицијата повела административна истрага за да се види кој е одговорен за скандалозните календари.

Според полицијата, календарите се печатени во приватна печатница.

„Ефимерида“ пренесува полициски извори кои навеле дека ниту еден календар не се продал пред тие да бидат повлечени од продажба.