Синдикатот на вработените во јавниот сектор, закажа генерален штрајк во Грција, барајќи суштински мерки во справувањето на пандемијата, додека пак вчера, има проблеми во летовите од и кон Грција поради неколкучасовниот прекин на работата на контролорите на летање, јави дописничката на МИА од Атина.

Во генералниот штрајк ќе учествуваат и Федерациите на вработените во државните болници и на просветните работници во средните училишта.

Атина денеска е без метро и трамвај, проблеми ќе има во цела Грција и во бродскиот сообраќај поради учеството во штрајкот на пет од 13 здруженија од грчката поморска федерација, а проблеми ќе има и со летовите, со оглед на тоа дека Здружението на контролори на летање најави штрајк од вечерва на полноќ.

Контролорите на летање и вчера имаа шестчасовен прекин на работата, што резултира со откажани летови.

Генералниот штрајк е во време додека Грција е во карантин, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор, меѓу другото бараат, суштински мерки за заштита на здравјето на вработените на нивните работни места; вклучување на приватниот здравствен сектор во битката со пандемијата; вработување на неодредено време на медицински персонал; дополнителни вработувања во јавниот превоз, за да се зголеми возниот ред и да се намалат гужвите, како и зголемување на платите и враќање на 13 и 14-та плата за вработените во државниот сектор.

Засега, официјално не е соопштено дали во рамките на генералниот штрајк, ќе се одржат и протести.