Шпанските безбедносни сили пресретнаа во Атлантикот, во близина на Азорските острови, брод натоварен со 800 килограми кокаин кој бил изнајмен од српска мафија. По заплената, кокаинот е превезен во Лас Палмас на Канарските острови, каде со реагенс тестови е утврдено дека се работи за кокаин чија вредност е проценета на околу 50 милиони евра.
При заплената на бродот „Сискејп“ кој пловел под американско знаме уапсени се тројца морнари. Едниот од нив е државјанин на Србија, Владислав Фунштајн, Сергеј Расохин од Русија и Емануел Акехандро со потекло од Мексико.
Пакетите со кокаин биле облепени со фотографија од Гаврило Принцип.
Заради истата акција уапсени се уште две лица во Србија, татко и син, Мирко и Драган Ѓанковиќ од Шид. Двајцата и Фунштајн, судејќи по фотографиите од друштвените мрежи, се познавале, пренесуваат српските медиуми.
Фунштајн, пред неколку години е уапсен и во Хрватска со група која шверцувала повеќе од 100 килограми марихуана.
Припадниците на организираната криминална група се теретат дека во повеќе наврати, патувале во земјите од Латинска Америка каде се подготвувале за преземање и криумчарење кокаин во Европа. Се сомничат дека за таа цел купиле едрилица на која во Мексико и биле направени неопходни преправки во конструкцијата.
Comments are closed for this post.