„Подобрувањето на односите меѓу Србија и Македонија се чини дека имаше краток здив“, констатира во аналитичкиот текст весникот „Данас“, кој во Белград важи за жесток критичар на власта на Александар Вучиќ.

Во мај, претседателот Александар Вучиќ присуствуваше на инаугурацијата на новиот претседател на соседната земја, Стево Пендаровски, а веднаш потоа премиерот Зоран Заев дојде на отворањето на автопатот Коридор 10 во Србија. Сепак, последната изјава на српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, кој е најистакнат во српската Влада кога станува збор за расправија со соседите, беше патка за Скопје – пишува „Данас“.

По изјавата на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, дека идејата за размена на територии и корекција на границите меѓу Белград и Приштина е „незамислива“ и дека што побргу треба да се прекине со лицитирањето на таа тема, Вулин му порача на претседателот Пендаровски, дека не е тема за него тоа како Србија ќе го реши внатрешниот проблем со Косово. Истовремено, Вулин порача дека со оглед на тоа што Пендаровски молчел за „голема Албанија“, тогаш треба да молчи за Србија.

Иако никогаш до крај објаснета идеја за размена на територии, која минатата година ја иницираа Вучиќ и неговиот косовски колега, Хашим Тачи, не помина ни во западните земји, особено во Германија, Вулин го критикуваше токму Пендаровски – посочува „Данас“.

Во текстот се наведува изјавата на Флоријан Бибер, професор по студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, кој оценува дека тензиите што се рефлектираат во изјавите на Вулин откриваат многу различни пристапи на двете влади.

Доаѓањето на власт на Владата на Заев беше резултат на скандалот со масовната злоупотреба на власта (на Никола Гуевски) и на големите граѓански протести. Како резултат на тоа, српската влада беше непријателска кон новата влада (на Северна Македонија) во своите изјави, бидејќи е загрижена за сличниот модел во Србија. Ова посредно се совпаѓа со рускиот страв од обоените револуции – стои во изјавата на Бибер за весникот.

Како што пишува „Данас“, српските власти имале добри односи со претходната влада во Скопје и поранешниот премиер Никола Груевски. Истовремено, весникот наведува и дека владата во Белград ја критикувала имплементација на Преспанскиот договор на Атина и Скопје, истакнувајќи дека е тој е одбиен на референдумот во Македонија.

Од весникот пишуваат дека за време на политичката транзиција во Скопје и конфликтот во Собранието во април 2017 година, еден српски разузнавач бил во зградата што предизвикало контроверзи, дека во август истата година, целиот персонал на српската амбасада во Скопје беше привремено повлечен во Белград и дека причините за тоа никогаш не беа објаснети.

Македонската влада се обиде да ги реши билатералните спорови и да ги намали тензиите, што е во насока на притисок врз српската влада да води дијалог со Косово. Ова очигледно предизвикува огорченост кај главните јастреби во српската влада. Главно, реформската Влада (во Скопје) претставува закана за тврдењата на српската Влада дека е лидер на реформите во регионот, и покрај фактот што таквите тврдења се тешко убедливи. Оттука, се чини дека тензиите ќе продолжат, но тие мора да се согледаат како фундаментален сомнеж на една се повеќе недемократска влада (Србија) – заклучува Бибер за весникот.