Дали вчерашниот престој во Софија на австрискиот минситер за европски и меѓународни работи, Александар Шаленберг, кој денеска е во Скопје, донесе извесно поместување во досега цврстите бугарски ставови во однос на Македонија?

Ова е прашањето, што се поставува по изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, која доаѓа од редовите на Има таков народ на Слави Трифонов, која само пред неколку недели го обвини премиерот Кирил Петков дека води двојна политика спрема Македонија.

-На министерот Шаленберг му ја истакнав постојаната поддршка на Бугарија за европскиот пат на земјите од Западен Балкан. Се разбира, напредокот на патот кон членството е секогаш поврзан со принципот на сопствените заслуги. Во последните месеци, сите знаете дека Бугарија направи значителни напори за промовирање на позитивна клима во билатералните односи со Република  Македонија, вклучително и преку иницирање формати за засилен развој на секторски политики. Ќе продолжиме да работиме на градење на вистински добрососедски односи со Република  Македонија. Сепак, тие се можни само со заеднички напори. Од Скопје очекуваме конкретни акции и гаранции за трајно и неповратно спроведување на Договорот од 2017 година, како и гарантирање на правата на граѓаните на Република Македонија со бугарска самосвест, изјави таа за медиумите.

Очигледно, Генчовска или игра двојна игра пред Шаленберг или манифестира извесна новина! Зашто, дава приоритет на две прашања, на Договорот за добрососедство и на вметнувањето на македонските Бугари во Уставот.

Но, притоа не ги споменува ниту Декларацијата, ниту Резолуцијата на бугарското Народно собрание, а вметнувањето на македонските Бугари во Уставот, пак, не се дел од ниту еден од овие три документи!

Што во суштина ќе значи ова, останува да се види.