Левицата не ја продава Македонија. Левицата го спасува културното и историското наследство на грчката Македонија. Ова го прави левицата со Договорот од Преспа, порача грчкиот премиер Алексис Ципрас од партискиот политички настан организиран од СИРИЗА во Солун.
Од друга страна лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис од партискиот конгрес порача дека НД никогаш нема да стави потпис на Преспанскиот договор.
Ципрас, кој реши да се обрати во Солун, со што на симболичен начин му даде тежина на Преспанскиот договор, во 50 минутното обраќање рече дека цели 25 години национализмите и од двете страни на границата спречувале секаков обид за решение, а тие постигнале решение „во корист на Грција, на грчката Македонија, на Балканот и во корист на мирот, соработката и заеднички развој во регионот”, јави МИА.
Граѓани на Солун, но и вие кои не гледате од ТВ приемниците, Македонки и Македонци, сега е часот на националната логика, но и на националната чувствителност. Затоа што Договорот од Преспа става конечен крај на фалсификувањето на нашата историја. Го затвора конечно и неповратно провоцирачкото присвојување на античката грчка Македонија. Ја затвора конечно и неповратно парадоксалноста на иредентизмот од поранешната југословенска Република Македонија, на јасен начин, што секако оттука па натаму ќе се впечати и во Уставот на соседната земја, рече Ципрас и порача дека „соседната земја само кога ќе ги заврши обврските во целост, одредени од договорот, тогаш ќе се интегрира во меѓународните организации и на глобално ниво ќе биде признаена под новото име.
Грчкиот премиер им одговори на сите оние кои што прашувале зошто токму сега се отворило македонското прашање. Рече дека тие не го отвориле, бидејќи „ова прашање е отворено веќе со децении како отворена рана што го загади целиот регион и во некој момент требаше да се затвори”.
Грчкиот премиер од Солун, упати остри критики и обвинувања до лидерот на опозициската Нова демократија дека присвојува позиции на неонацистичката Златна зора.
На почетокот на неговото обраќање рече дека присутните во салата го даваат одговорот и порака на демократија и слобода до сите оние кои сакале Солун да го претстават како град на омраза.
Говорот на Алекис Ципрас во Солун, за кој портпаролот на грчката влада рече дека е партиски, а не владин настан, беше закажан во исто време со почетокот на 12от Конгрес на Нова демократија во Атина и обраќањето на Кирјакос Мицотакис.
Мицотакис: Го обвинувам Ципрас
Повторувам од овде, од нашиот 12ти Конгрес: Нова демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа. Ниту сега, ниту во следниот парламент, никогаш, порача лидерот на грчка опозициска партија, во говорот на почетокот на партискиот конгрес.
Кирјакос Мицотакис, во врска со Договорот од Преспа упати низа обвинувања до грчкиот премиер. Рече дека го обвинува Ципрас дека го поделил грчкиот народ и никогаш не се обидел да создаде услови за национален консензус за решавање на националното прашање, но и дека направил размена со Европејците за да нема кратење на пензиите.
Го обвинувам господинот Ципрас дека рече „да” онаму каде што 6 премиери: Константинос Мицотакис, Андреас Папандреу, Костас Симитис, Костас Караманлис, Јоргос Папандреу, Андонис Самарас, рекоа „не” за признавање на наводен македонски јазик и националност. Го обвинувам господинот Ципрас дека денес, се уште го навредува патриотизмот на големото мнозинство од грчкиот народ, што се против овој договор, карактеризирајќи ги екстремни десничари и националистите. И, да, го обвинувам господинот Ципрас дека ја замени мерката што не треба да некогаш биле, со голема национална отстапка, рече Мицотакис одново споменувајќи го неговиот став дека постоела размена за прашањето со името со укинување на кратењето на пензиите.
Тој истакна дека „временската коинциденција на Договорот од Преспа со ненадејната промена на ставот на партнерите, не е случајна”.
Ајде да кажеме неколку вистини. Меѓународниот фактор, од свои причини, сака Скопје, по секоја цена, да влезе во НАТО. И не му беше тешко да му дозволи на господинот Ципрас да ја повлече непотребната мерка за кратење на пензиите, мерка која што Нова демократија никогаш не ја гласаше, гласаше против во грчкиот Парламент, рече лидерот на најголемата грчка опозициска партија.
Мицотакис во обраќањето истакна дека едно е здравиот патриотизам, а друго квази- патриотизмот и побара од граѓаните да не дозволат да се оцрни вистинскиот патриотизам. Побара и „да му ја пратат сметката на Ципрас на изборите, да ги одржи час порано и народот со гласот да каже дали го сака или не Договорот од Преспа”.
Во Солун приведени 48 лица
Помала група демонстранти предизвика мали инциденти на крајот од протестот во Солун против Договорот од Преспа. Според локалните медиуми, групата, со пиротехнички материјали ја нападнала полицијата, која одговорила со мала количина солзавец, а кусо интервенирала и со водени топови. Приведени биле 48 лица.
Comments are closed for this post.