Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан смета дека е неопходно да се прекинат провокациите и да се врати дијалогот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.

Хан во интервју за виенското радио „Ое1“ вели дека изминатото лето се уште имало динамика во дијалогот и дека се разговарало за можните елементи на договорот.

Сега имаме застој, а нашата задача е да продолжиме. Федерика Могерини доби налог од Советот за безбедност на Обединетите нации да посредува. Уверен сум дека наредните месеци ќе постигнеме нешто, бидејќи сакаме да го искористиме актуелниот мандат на Европската комисија – изјави Хан.

Како што истакна еврокомесарот, „Приштина, се обидува да се зачлени во меѓународни организации, а шестмина српски дипломати патуваат по светот и ги уверуваат земјите кои го признале Косово да го повлечат тоа признавање“.

Мислам дека ниту едно од ова не е од помош. Инсистирав да прекинат тие активности и сега да се прифати статус кво за продолжување на преговорите. На крајот на преговорите ќе се види како натаму ќе се одвиваат работите – изјави Хан.

Тој потсети дека неодамна престојуваше во Белград, потоа и во Приштина и дека притоа даде предлог во врска со воведените такси на српска стока да се преговара во посебен формат, на ниво на премиери.

Според Хан, тоа прашање треба да се решава во рамки на билатералните односи, а не да биде дел од пакетот на дијалогот.