Напорите на Бугарија да влезе во шенген зоната и препораките на Европскта комисија да го преиспита начинот на издавање бугарски пасоши за граѓаните од државите-членки на ЕУ, како и на тие надвор од неа, направија вистинска каша-попара со податоците, што се лиферуваат во јавноста. Најновото недоразбирање или неусогласеност на европските и бугарските државни институции произлезе од објавените податоци од страна на Еуростат.

Впечатлива е огромната разлика во бројот на издадените бугарски пасоши на македонски државјани. И тоа само за една, 2016 година.

Така, Еуростат објавува дека во 2016 година, Република Бугарија им издала бугарски пасоши на само 142 граѓани од Македонија.

Од друга страна, во годишниот извештај, што го подготвува Кабинетот на Претседателот на државата, односно вицепретседателката, Илијана Јотова, според информациите објавени од бугарските медиуми, стои дека истата таа 2016 година, бугарско државјанство добиле вкупно 6.196 Македонци. Наредната, пак, 2017 година бројката изнесува 1.184 Македонци.

Во двата случаја разликата е не само во бројките, туку и во поимите. Додека Еуростат користи државјанства, што ги поистоветува со бугарски пасоши, во извештајот на бугарските институции се употребува само поимот државјанство, но не и бугарски пасоши.

Потпретседателката Јотова при посетата на Македонија минатата година изјави дека од јануари до средината на декември 2017 година, Бугарија натурализирала 1.184 Македонци, а во годишниот извештај стои бројката 1.150. Која е точната, веројатно ќе треба да утврди новоформираната парламентарна ад хок комисија, чија задача е проверка на целата документација околу издавањето бугарски пасоши.

По избивањето на аферата со бугарските пасоши кон крајот на октомври, премиерот Бојко Борисов, исто така, им наложи на Министерството за внатрешни работи и на Државната агенција за национална безбедност проверка на документите и издадените пасоши.