Во 2017 година, Бугарија им издала државјанство само на 944 лица и тоа претставува пад од 44 отсто во споредба со податоците од 2016 година, покажува статистиката на Еуростат.

Најчесто бугарско државјанство во 2017 година добивале Украинци (22,3%), Руси (19%) и Турци (12%). Во споредба со останатите земји-членки на ЕУ, Бугарија, според бројот на локалното население, била меѓу државите, кои најретко издавале пасоши за странци.

Вкупно, во 2017 година во ЕУ државјанство добиле над 825.000 странци, главно од Мароко, Албанија и Индија. Мароканците најчесто добивале пасоши од Италија, Шпанија и Франција. Албанците добивале пасоши од Грција и Италија, а Индијците од Велика Британија.

Романците, Полјаците и Британците најчесто добивале државјанство од друга земја-членка на ЕУ. Според податоците, бројот на Британци, кои побарале пасош од друга членка на ЕУ, е удвоен. Статистиката говори дека најчесто (37,8%) државите од ЕУ одобруваат пасоши на граѓани од други држави на Унијата, како и на Африканци (27,4%), Азијати (20,6%) и Американци (11,4%).