Бугарскиот премиер Бојко Борисов соопшти дека неговата ГЕРБ ќе предложи варијанта за нова Влада на државата, јавуваат медиумите.

Борисов ја започна денешната седница на неговиот кабинет честитајќи им ја изборната победа на министрите.

-Со чест и гордост можам да кажам дека ги исполнивме апсолутно сите ветувања, што ги дадовме во текот на годината. Затоа ние, со нашето искуство и експертиза и со 10% пред следната убедлива победа, сме должни пред нашите избирачи да предложиме варијанта за нова Влада, изјави Борисов.

Според него, нови избори не се добра варијанта.

-Со над половина милион гласови колегата политичар Слави Трифунов треба да излезе и да си ја преземе одговорноста. Дали е прв или втор, во случајов нема никакво значење. Ние ќе предложиме, тие нема да прифатат и ќе дојде до хаос. Затоа, најколегијално го молам да почнат да си го прават составот на Владата и мнозинството, кој ќе биде претседател на Парламентот, на комисиите, министрите, заменик-министрите. Тоа е многу тешка и сложена задача и бара одредено време, изјави Борисов, додавајќи дека за стабилност на Владата десет до дваесет пратеници на ГЕРБ ќе и даваат поддршка.

Тој се заложи за свикување Големо народно собрание доколку новиот состав на Парламентот не успее да ја изгласа новата Влада.

-Ете ви решение, нели сите говоревте за Големо народно собрание и мнозински избори. Новиот состав се собира, гласаме за свикување Големо народно собрание и претседателот Радев нека го поднесе негов предлог, а не нашиот, за новиот Устав, и тоа Собрание да го усвои, рече Борисов.