Кријакос Мицотакис „непријатно ја изненади“ канцеларката Ангела Меркел, пишува денешен германски „Билд“ осврнувајќи се на првата посета на грчкиот премиер на Берлин.

Тоа изненадување се вика „воени репарации“, односно барање на Грција за воена отштета предизвикана од нацистичка Германија за време на Втората светска војна. Мицотакис не го прескокнал ова прашање кое го официјализираше премиерот Алексис Ципрас откако претходно за тоа резолуција донесе грчкиот парламент.

„После повеќе од 70 години по крајот на Втората светска војна сегашниот премиер на Грција сака да преговара со германската влада за компензација“, пишува Билд.

Според официјалните грчки документи, Атина бара отштета од повеќе од 300 милијарди евра.

Освен Грција, воени репарации бара и Полска.

Меѓутоа за Берлин ова прашање е затворено со договорто 2+4 од 1990 година односно по реунификацијата на двете Германии, но во тие преговори не учествуваа владите на Полска и на Грција.

Мицотакис во Берлин истакна дека по прашањето на воените репарации ја следи линијата на Ципрас.