Тешко дека постои држава која повеќе од Бугарија сака Македонија да стане членка на Европската Унија, но секогаш постои едно „но“, бидејќи членството зависи од подготвеноста на една земја кандидат за тоа, вели копретседавачот на бугарско-македонската Заедничка комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров.

– Би сакал да кажам дека Република  Македонија е подготвена да ги започне преговорите, но не гледам основа за тоа, изјави Димитров за Бугарската национална телевизија.

Димитров смета дека историјата има влијание во сите сфери, дава аргументи и им помага на политичарите да ги сфатат корените на современите проблеми, но таа не е онаа што ги одредуваат односите.

– Целата одговорност е на политичарите. Политичарите се секогаш на потег кога се во прашање билатералните односи, нагласи Димитров.

Според него, бугарската позиција кон земјава е „совршено јасна“, но прашање е колку таа е добро претставена и дали некој сака да ја сфати.