Многу македонски граѓани купија или се мислат да купат недвижност кај јужниот сосед. Колку чини одржувањето на стан во Грција? Еве какви се годишните трошоци.
Купувањето недвижности во Грција со години е една од најатрактивните инвестиции за граѓаните од регионот, особено за оние кои сакаат да остварат дополнителен приход преку туристичко издавање. Најголем интерес има за станови од околу 40 квадратни метри, а потенцијалните купувачи најчесто се интересираат колку чини нивното годишно одржување.
Трошоците зависат од локацијата, типот на објектот, заедничките содржини и од тоа дали станот се користи во текот на целата година или само во летната сезона.
На пример за семејство кое користи стан од 40 квадратни метри на Халкидики само во летните месеци, годишните трошоци за електрична енергија се движат од околу 250 до 450 евра.
Дури и кога станот не се користи, а приклучокот за струја останува активен, сопствениците имаат фиксни трошоци. Во таков случај, годишниот износ може да достигне околу 150 евра.

Вода, данок и заеднички трошоци
Кога станува збор за водата, сметките најчесто ја вклучуваат и канализацијата, но начинот на пресметка зависи од општината.
„Секоја општина има свои правила за наплата, но вообичаено трошокот за вода е релативно низок и изнесува околу 100 евра годишно при умерена потрошувачка.
Сопствениците на недвижности плаќаат и годишен данок на имот – ENFIA. За стан од 40 квадратни метри, овој данок во просек изнесува околу 120 евра годишно, иако конечниот износ зависи од локацијата, староста на објектот, катноста, даночната зона и други карактеристики на имотот.
Дополнителен трошок се и заедничките трошоци за одржување на зградата. Во помалите станбени објекти тие понекогаш воопшто не се наплатуваат, бидејќи станарите сами се грижат за одржувањето. Во поедноставни комплекси со основно надворешно осветлување тие изнесуваат околу 100 евра годишно.
Во поголемите и полуксузни комплекси, кои располагаат со базен, уредени зелени површини, обезбедување и други содржини, годишните трошоци за одржување може да достигнат од 1.500 до 2.000 евра.
Колку изнесуваат вкупните годишни трошоци?
Според пресметките, сопственик на стан од околу 40 квадратни метри кој го користи сезонски може да очекува годишни трошоци од приближно 570 до 770 евра, што во просек изнесува меѓу 48 и 64 евра месечно.
Во овие пресметки не се вклучени трошоците за осигурување на имотот, сметководствени услуги, евентуални поправки, како и дополнителните расходи доколку станот се издава на туристи.







Comments are closed for this post.