За релативно кратко време, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на двапати го прозва премиерот Зоран Заев за една иста работа. Според него, Заев уште како опозиционер и ветил на официјална Софија дека нема да има никаков проблем за реализација на тоа што ќе се договорат.
Мицкоски првиот пат тоа го стори во едно од последните негови тв-интервјуа, а истото го повтори и вчера, одговарајќи на прашања од граѓани во живо на Фејсбук. Тоа, како што вели, му го потврдил еден врвен бугарски политичар на еден од состаноците на Европската народна партија.
-Ми рече дека сето ова е ветено од страна на Заев и дека кога тој бил тогаш во опозиција ги убедувал дека најважно е тој да стане премиер, а за другото нема никаков проблем. Тогаш беа упатени многу критики до нас во ВМРО-ДПМНЕ дека ете не сме сакале да преговараме, но ние сме сè уште на истиот став дека таа тема не заслужува разговори и преговори. Бидејќи македонската нација и држава си имаат свои корени, изјави вчера Мицкоски.
Но, наместо одговор, премиерот Заев одбира да молчи, подгревајќи ги на тој начин сомневањата дека сега само бара начин за реализација на ветеното.
А, влогот не е мал, иако и кај бугарските официјални претставници постои мала дистинкција во изјавите. Па, така, вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, меѓу другото ќе рече дека тие нема да се сложат со „градењето национален идентитет на база на грозни историски фалсификати”, додека за министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, проблемот е во постоењето македонско малцинство во Бугарија. Но, двете нијанси се сведуваат на тоа што „Политико“ го наведе како компромис, што го прифатила Софија на амбасадорскиот совет во Брисел-Бугарија го признава македонскиот јазик и македонскиот идентитет, а во замена С.Македонија ќе треба да ја признае историската вистина дефинирана од Софија и дека има бугарски темели (основа, корени н.з.) во македонскиот идентитет и подоцна создадениот македонски јазик.
Првичните изјави на Заев и на претседателот Стево Пендаровски дека нема преговори за идентитетските прашања не влеваат многу оптимизам. Зашто, праксата покажа дека едноставно не може да се верува во конзистентноста на нивните ставови, дотолку повеќе што постојано го симнуваат прагот на наводните национални црвени линии.
А, во овој контекст може да се гледа и на последното Владино соопштение и на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Владата е подготвена да прифати појаснување на одредени загрижености коишто постојат во Софија, а Османи, пак, вели дека треба да се поздрави тоа што Софија ја признава реалноста, односно постоењето на македонскиот идентиет и јазик.
Но, притоа Владата не дава никакви објаснувања за кои загрижености на Софија станува збор, а Османи си поигрува со интелигенцијата на целата јавност, зашто заборава да ја спомене „цената“, што ќе треба „да се плати“ за тоа.
Деновиве во наши портали, кои важат за блиски до Каракачанов, можеше да се види скокотлива информација. Повикувајќи се на неименувани дипломатски извори, таа вели дека „бугарската страна ќе го признае постоењето на македонскиот јазик како посебен и официјален во ЕУ, но пак ние ќе ја прифатиме тезата за историската вистина за неговото создавање за која во моментот како формулација двата тима на македонското и бугарското МНР бараат прифатлив текст поради опасноста од политичка дестабилизација во Македонија“.
За жал, прозивката од Мицкоски не е единствената на која се чека одговор од премиерот Заев. Тука треба да се спомене и сопственикот на агенцијата БГНЕС, Љупчо Нешков, кој по престојот на Љупчо Георгиевски во Софија, во едно интервју спомена дека поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров уште во јануари 2019 година, а премиерот Заев во пролетта истата година биле предупредени од официјална Софија за неисполнување на ветувањата. За кои и какви ветувања станува збор, одговори чека и македонската јавност.
Comments are closed for this post.