Уставниот суд кон крајот на неделава ќе расправа по иницијативите за преиспитување на уставноста на четирите уставни амандмани. Четирите уставни амандмани беа изгласани од македонското собрание минатата година во јануари.

Станува збор за уставните амандмани, 33, 34, 35 и 36. Со првиот од нив Република Македонија, беше преименувана во Република Северна Македонија.

Според неофицијални информации на Слободен печат, освен иницијатива со која се оспоруваат четирите уставни амандмани, до Уставниот суд има поднесено иницијативи и за оценување на уставноста и на Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство и на Референдумот. Во сите нив се приговара дека актите изгласани во Собранието, се незаконски и неуставни и не се во интерес на граѓаните.

Минатата година на 11 јануари, Собранието со 81 глас ги изгласа уставните амандмани. Со амандманот 33 во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36. Амандманот 34 се однесува на промените во Преамбулата од Уставот.

Според амандманот, зборовите „кои живеат во нејзините граници“ се заменува со „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници, граѓаните на РМ, македонскиот народ, и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.

Амандманот 35 е за гарантирање на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, а амандманот 36 се однесува на грижата за дијаспората.