„Госпоѓата Сиљановска изгледа не живеела овде во изминативе пет-шест години и не знае за случаите на СЈО, Титаник 1 и Титаник 2 и изречените судски казни за изборни измами.“

Вака, парафразирано, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на предизборен митинг во салата Форца во скопски Карпош и реплицираше на својата противкандидатка Гордана Сиљановска Давкова на нејзината забелешка дека на претходните претседателски избори на Пендаровски не било можно да му бидат украдени 200.000 гласови, за што и не станал претседател на државата. И уште додаде дека во општината во која на двапати победиле многу на малку, ако и сега тоа не се случи, граѓаните „да не му излегуваат пред очи“.

Првиот дел од претседателската кампања и првиот круг од изборите се веќе зад нас и резултатите ќе бидат предмет на анализи, но едно е факт-Стево Пендаровски освои 323.846 гласови, што е за 3.318 гласа помалку од првиот круг на претходните претседателски избори. Тогаш, за потсетување, тој освои 326.164 гласови. Во вториот круг, пак, неговиот финален скор беше 398.077 или 41,14% од гласовите.

И овој резултат, според неговите тврдења, се должел на украдени избори. Но, ако тогаш оправдувањето за тоа лежеше во 600.000 фантомски гласачи и држеше вода се до проверката на избирачкиот список, која потврди дека не постоеле „фантоми“, сегашното уште помалку може да има некаква основа. Зашто, предметите Титаник 1 и Титаник 2, како и веќе изречените затворски казни се однесуваат на локалните избори во 2013 година и изборниот процес во Општина Струмуца. Што ќе рече, не станува збор за претседателските избори од 2014 година.

За потсетување, вториот круг од претседателските избори во 2014 година се одржа на 27 април и тоа заедно со вонредните парламентарни избори. И единствено тука може да се најде целосно оправдување за високиот одѕив и постигнатиот цензус. Но, сигурно не во кражба на гласови или во судските предмети на СЈО, Титаник 1 и Титаник 2.

Прашањето, што сега се наметнува, е на што се должи послабиот резултат на Пендаровски во првиот круг од оној во 2014 година? Тогаш, ДУИ јавно се изјасни дека нема да учествува на претседателските избори, зашто ВМРО-ДПМНЕ не ја прифати нивната идеја за „консензуален“ претседателски кандидат, а ДПА остана во игра за евентуална поддршка на кандидатот Ѓорге Иванов. Сега, пак, и ДУИ и ДПА застанаа отворено во поддршка на Пендаровски. И со таква поддршка и во услови на „скандинавски избори“ повторно не успеа да постигне подобар резултат во првиот круг, а камо ли да дојде до максимално изразена предност во однос на второпласираниот претседателски кандидат.

Теоретски, без гласот на Албанците не е можно да имате легален претседател заради спуштениот праг на изборна излезност, но и во таква ситуација тоа сигурно нема да го засили неговиот легитимитет. За жал, во јавноста зад синтагмата консезуален претседател наместо дебата за индивидуални вредности и политички платформи на кандидатите започна да се подразбира меѓупартиски договор за клиентелистички приоритети на политичката елита и нивните бизнис подржувачи, истакна уште тогаш Пендаровски.