Со средби со екологисти и еко-активисти од Охрид и Струга амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар денеска го објави почетокот на новата кампања под брендот „ЕУ за ТЕБЕ“, насочена кон подигнување на свеста за заштитата на животната средина, со порака дека секој треба да води грижа за животната средина онака како што се грижи за сопствениот дом.

Како што истакна Жбогар, не случајно кампањата стартува од Охрид оттаму што последните случувања околу статусот на регионот во УНЕСКО претставува пример на недостиг од индивидуална и колективна одговорност во односот кон околината и животната средина.

Токму затоа сакаме да ја подигнеме свеста на граѓаните за потребата од активен однос во заштитата на животната средина, но и да ги посочиме позитивните примери како оние т.н. „херои од соседството“ еко-активисти, поединци и групи кои активно работат на чистење на околината, да ги направиме видливи за општеството и да ги поддржиме во нивните секојдневни активности, рече Жбогар.

Евроамбасадорот појасни дека кампањата има четири елементи – комуникации во насока на подигнување на свеста за заштита на животната средина, поддршка на активистите што работат на зачувувањето на животната средина, посети на општините каде активистите ќе можат да најават активности за чистење на околината, како и охрабрување на локалните самоуправи за поактивна поддршка на активностите насочени кон почиста животна средина.

Свесни сме дека една кампања не може да реши толку голем проблем, години негрижа кон животната средина. Но, тука сме да им дадеме глас на оние што активно работат на одржување чиста околина. Има неколку општини меѓу кои би ја нагласил Струмица како пример како треба да се одржува чистотата на една самоуправа, рече евроамбасадорот Жбогар.

Што се однесува на информациите дека Охридскиот регион е под реална закана да биде ставен на листата загрозени природни и културни вредности на УНЕСКО,  Жбогар се воздржа од коментар на одлуките на Светската комисија за заштита на културните и природните богатства, но истакна дека на тоа треба да се гледа како на најголема можна тревога, повик кон одговорните институции и целата јавност да преземе активности што ќе ја спречат натамошната деградација на Охрид и Охридското Езеро.

Навистина би била голема штета за граѓаните, за државата доколку Охрид го загуби статусот во УНЕСКО. Оттаму е потребата од мобилизација и обединување на сите субјекти во исполнувањето на препораките дадени од УНЕСКО, рече евроамбасадорот Жбогар.