Дел од функционерите потврдуваат дека нивните блиски ќе се откажат во вработувањето во јавниот сектор заради тоа што гледаат алтернатива на државните институции, но редно е да ги оставиме тие сами да соопштат, бидејќи станува збор за личен чин. Верувам дека ќе имаме одлични примери на повлекување и на тој начин ќе ја покажеме нашата совесност кон останатите граѓани, најави денеска премиерот Зоран Заев.

Тој посочи дека сите граѓани се еднакви пред законот и пред институциите, но додаде дека пример треба да биде етичкото однесување на функционерите.

Тоа е лош пример иако се работи за мала бројка, а токму функционерите треба да бидат добар пример како да се однесуваат граѓаните. Ако ние им наложиме нешто ќе потврдиме дека е тоа надвор од закон, етика или слично. Се работи за личен чин кој очекувам тие да го направат. Правиме детална анализа. Се работи за личен однос и лична одговорност на одредени поединци. Начинот на конкурирањето, фер и транспарентната правична постапка во делот на запослувањето е дел од анализа чии извештаи ги очекувам неделава. Кога ќе ги добијам веднаш јавно ќе ги соопштам сите информации, изјави Заев во одговор на прашање по презентацијата на  Научно-технолошкиот парк во Скопје.