Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, присуствуваше и имаше свое обраќање на свеченото отворање на Европскиот Форум на Лајонс, кој се одржа во Македонска Филхармонија.

На свеченото отворање исто така се обратија и меѓународната претседателка на Лајонс, Гудрун Ингвадотир и гувернерката на округот 132 Соња Бојаџиева.

Вие, хуманитарците, луѓе кои ги вложуваат својот труд, знаење, време и енергија за помагање на оние на кои им е потребна помош, сте секогаш инспирација за креативност во грижата за својата заедница, порача Заев во воведниот говор.

Заев додаде дека од првиот ден на оваа Влада, која ја предводам, благосостојбата на граѓаните, е највисокиот приоритет и епицентар на градењето на секоја политика.

Правиме сè, и лицата со попречености и ранливите групи да бидат вклучени во општествениот живот, како никогаш до сега, истакна Заев.

64-от европски форум во Скопје, продолжува во наредните два дена. На него, Лајонсите ќе градат стратегии за развој на лајонизмот во Европа, нови идеи за помош и поддршка на ранливите категории, лицата со делумно или целосно оштетен вид, како и други лица на кои им е потребна помош.

Форумот на лајонсите од Европа се одржува под мотото „Свесност и емпатија“, а на сесиите освен за теми поврзани со мисијата на најголемата хуманитарна невладина организација во светот, посебен акцент ќе биде ставен и на градот домаќин, со посебна пленарна сесија на тема „Скопје-55 години град на светската солидарност и родно место на Света Мајка Тереза“.