„Договорот за пријателство и добрососедство донесе многу позитивни придобивки за С. Макеоднија и за Бугарија и стави крај на еден систем кој ги труеше односите меѓу двете земји. Историските факти во врска нашата заедничка историја се јасни и од тоа нема бегање. Комисијата треба да си ја заврши работата за што има поддршка од мене и од Бојко Борисов, вели премиерот Зоран Заев во интервју за БГНЕС.“
Премиерот Заев истакнува дека многу работи се променија во позитивна насока во изминатите две години од потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство и очекува тоа да продолжи.
„Бугарија може многу да ни помогне во процесот на европска интеграција и веќе многу ни помога. Таа беше прва што се бореше со Европската комисија за да добиеме датум за почеток на преговорите. Бугарија го сподели целото свое искуство од процесот на пристапни преговори. Таа беше една од првите земји што го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО. Бугарија го покажа своето пријателство. Верувам дека и ние го покажуваме истото“, наведува Заев.
Договорот, според него, стави крај на системот, кој беше воспоставен по 1945 година, и со децении ги труеше билатералните односи.
„Во двете земји постојат структури кои не се радуваат на она што се случува, тие се дел од минатото, а постојат и структури кои повеќе се ориентирани кон исток“, вели премиерот Заев.
Посочува дека во последните две години е постигнат голем напредок во трговијата и соработкта во културата. Само во првите десет месеци од 2018 година билатералната трговија е зголемена за 16,95 отсто во споредба со 2017 година.
„Ова е голем процент и говори за можностите кои ги создадовме за економска соработка“, вели Заев.
Се интензивира и културната соработка – бугарски театарски продукции беа поставени во Македонија, и обратно – македонски во Бугарија, а има и други настани кои придонесуваат за зближување на двата народа.
Во врска со настаните од историјата и нивното заедничко одбележување, Заев очекува мешовитата експертска комисија да ја продолжи работата и наскоро да има резултати за спорните прашање.
„Комитетот за историски прашања е формиран за да се изгради пријателство меѓу двете нации. Јас, заедно со бугарскиот премиер Бојко Борисов, ги охрабруваме историчарите да ја завршат работата. Веќе е постигната согласност за некои значајни историски личности – Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум, св. Климент, цар Самуил. Ние го потпишавме Договорот, градиме пријателство, соработка и добрососедство. Во еден таков контекст, комисиите треба само да го надградат тоа“, рече премиерот Заев, додавајќи оти е убеден дека комисијата во септември ќе постигне резултати за отворените прашања.
За инфраструктурното поврзување и Коридорот 8, Заев вели дека е неповратен процес и оти македонската страна работи многу активно на тоа. Пред се на изградбата на железничка пруга од Куманово до бугарската граница, која треба да биде пуштена во употреба најдоцна до 2025 година.
Во интервјуто се осврнува и на улогата на Бугарската православна црква во решавањето на проблемот со статусот на Македонската православна црква.
„Бугарската православна црква презеде смели чекори во однос на нашата Македонска православна Црква – Охридска архиепископија. Бугарските епископи ги посетуваат македонските цркви, а македонските епископи – бугарските. Нашите граѓани кои се верници, гледајќи дека добро соработуваат, го поддржуваат ова пријателство“, истакнува Заев.
Comments are closed for this post.