Ниту еден обвинител од Специјалното јавно обвинителство засега не бил повикан во Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција да даде исказ за случајот во кој се споменува шефицата на СЈО во оставка Катица Јанева.

Официјално, од Обвинителството за „Независен“ велат дека до овој момент обвинителите немаат дадено исказ, но меѓу двете обвинителства имало комуникација за случајот за изнуда во кој засега има двајца осомничени, Бојан Јовановски и Зоран Милески кои се во притвор.

Обвинителката Вилма Рускоска во интервју за КОД рече дека двe обвинителки од СЈО стапиле во контакт со Русковска. Таа појасни дека тие прашувале дали треба да дојдат во Обвинителството да дадат исказ.

Вчера во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција стигнал извештајот од вештачењето на телефонот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева што и беше одземен во врска со истрагата за случајот „Рекет“.

Обвинителството нема сознанија каде во моментов се наоѓа јавната обвинителка. Досега обвинителството нема преземено дејствија за повикување на јавната обвинителка, нема ниту преземени дејствија на следење или лоцирање.

Обвинителството во моментов не може да сподели информација во врска со бројката на лица кои се обраќаат до јавното обвинителство и кои пријавуваат. Временскиот период од обелоденување на истрагата е кратко, поминаа само седум дена во кои континуирано се обраќаат лица со цел да пријават кривично правни настани, наведуваат од Јавното обвинителство.