За реакциите за користењето на зборот „македонски јазик“ кај населението во Северна Грција, премиерот Зоран Заев во интервју за МИА  вели договорот е јасен.

Договорот е јасен. И ако го следиме духот на пријателството многу лесно ќе се објаснуваме. Прво факт е дека нашиот јазик е македонскиот јазик, тоа е прифатено во договорот. Истовремено е факт дека е од групата словенски јазици. Научен, потврден факт. Исто така е јазик на сите граѓани кои живеат во Северна Македонија и во дијаспората. Но тоа е различно од хеленското културно наследство, со нивните традиции. Тоа е разграничено. И во духот на добрососедството и градењето на пријателството, треба да имаме разбирање за вакви прашања. Токму тоа и министерот Димитров го објаснува, и на крајот реков – идентитетските прашања се лични, нешто што го носиме во градите, тоа никој не може да го смени“, вели Заев. 

На прашањето „Проблем ли е да се каже дека се зборува македонски таму?“, премиерот Заев одговара:

Тоа е право на Грција, тоа треба тие да го коментираат. Со наше невнимание би можеле да предизвикаме незгодни ситуации поради тоа што имаме јасен и прецизен договор, што ние политичарите треба да веруваме во него и внимателно да го имплементираме, а после тоа и граѓаните на двете земји, така што оставам тоа Грција да си го коментира, тие си имаат свој начин на поставување на работите, ние ги почитуваме, тие се наш стратешки партнер.“