Денес најгласно за состојбата во Македонија зборуваат токму оние политички структури кои со години ја имаа можноста да ја водат државата и да ги решаваат проблемите за кои денес самите држат лекции. СДСМ и ДУИ беа дел од власта во клучни периоди од поновата историја, а денес, наместо со сопственото политичко наследство, се обидуваат да се занимаваат со ЗНАМ.

Токму на ова лицемерие во политиката се осврна претседателот на Движење ЗНАМ, Максим Димитриевски, во гостувањето во „Вести плус“ на Канал 5, посочувајќи дека Македонија предолго плаќала цена поради недоволната комуникација меѓу позицијата и опозицијата во клучни моменти, како и поради политики во кои партискиот интерес често бил над државниот, се наведува во партиското соопштение, што МИА го пренесува интегрално.

Димитриевски порача дека оние кои денес се најгласни критичари не можат да избегаат од сопственото политичко минато и од одлуките што ги носеле додека биле на власт.

Јас и луѓето заедно со мене во мојот тим, со СДСМ расчистивме многу одамна, уште кога сметавме дека државата ја водат во многу лоша насока“, порача Димитриевски.

Тој директно се осврна и на актуелните случувања во СДСМ, посочувајќи дека дел од оние кои денес се појавуваат како критичари на состојбите, претходно биле дел од системот кој го критикуваат.

„Едниот беше еден од главните политички гуруа на Димитар Ковачевски. Другите беа членови по управни одбори и така натаму, тогаш молчеа, кога Максим зборуваше“, истакна претседателот на ЗНАМ.

Во однос на ДУИ, Димитриевски оцени дека политичката математика денес е поинаква и дека со нивното заминување во опозиција е намален просторот за политички уцени кои, според него, постоеле во минатото.

Затоа, наместо СДСМ и ДУИ повторно да се обидуваат да ја префрлаат одговорноста и да се претставуваат како политичко решение, време е да се соочат со сопственото наследство. Граѓаните веќе еднаш ја дадоа својата оценка и ги испратија во опозиција.

Времето на политичари кои бараат алиби за своите неуспеси завршува. Секој во Македонија ќе мора да стои зад своите одлуки, своите резултати и своето политичко наследство. Историјата не се пишува со прес-конференции и партиски соопштенија, таа се пишува со дела.