Премиерот Зоран Заев, денес во обраќањето пред Амбасадорскиот совет изрази очекување дека ЕУ ќе ги вреднува постигнатите резултати на земјава, на внатрешен и надворешен план и по системот на заслуги и ќе донесе позитивна одлука за почеток на преговорите на нашата земја со Унијата. Премиерот Заев испрати порака „да продолжиме да градиме пријателства“ и секој да вложи максимални напори во историските позитивни промени што се случуваат во и за нашата држава.

„Шансите да ја добиеме долгоочекуваната позитивна одлука за почеток на преговорите со ЕУ се реални, а тоа ќе биде силна мотивација за граѓаните, институциите и за државата да продолжат да чекорат напред кон современиот свет. Политиките на соработка со соседите на надворешен план и со опозицијата на внатрешен план исто така даваат резултати и ние како Влада, и покрај позитивниот Извештај од ЕУ за спроведените реформи, ќе продолжиме да даваме нови аргументи дека како држава и како граѓани нашето место е во ЕУ и во НАТО. Како Влада, ги создадовме сите услови за функционирање на правната држава и очекуваме ефикасна правосудна разврска на сите случаи поврзани со сомневања за корупција, вклучително и на актуелниот случај“, рече Заев.

Тој притоа додаде дека очекува законот за Јавното обвинителство да биде усвоен со двотретинско мнозинство, „за што се водат посветени разговори со опозицијата“.

На работниот состанок на амбасадорите и вршителите на должност во земјите-членки на ЕУ се обратија и вицепремиерот Бујар Османи и домаќинот, министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Шефот на македонската дипломатија повика на максимална координација и посветеност во последните месец и половина до Советот на ЕУ.

 „Да ја искористиме оваа историска шанса и да имаме заеднички успех со ЕУ во октомври, кога од Советот на ЕУ очекуваме да добиеме одлука за датум за почеток на преговорите“, рече Димитров.