Може да се најде решение за законот за јавно обвинителство и идниот статус на СЈО зад кое би застанале сите, смета премиерот Зоран Заев. Тој е оптимист дека низ разговори со ВМРО-ДПМНЕ месецов може да се затвори ова прашање. Од денеска, како што најави, почнуваат разговори и со помалите политички партии и помалите парламентарни групи.
Ова е еден од најважните закони во правосудството. Министерството за правда денеска почнува разговори со помалите политички партии и помалите парламентарни групи. Не верувам дека се пропаднати разговорите и со најгоелмата парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска Заев одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на трибината во Куманово.
Прашан дали очекува до 1 април да биде донесен законот, Заев одговори дека доколку се направат напори тоа е можно.
Мислам дека има време, иако Парламентот не работи за да не даде политички алатки на политичарите и на пратениците да се злоупотеби заради камапња, тогаш може да се свика седница во април. Не би сакал оваа тема да се злоупотреби во кампањата. Добро би било да го затвориме ова прашање пред кампањата, изјави премиерот.
Околу тоа кои од условите на опозициската работна група се прифатливи, Заев рече дека за него е прифатливо се што е уставно возможно, тоа што е прифатливо за граѓаните, што е во духот на Венецијанската комисија, во духот на реформите и на стратегијата во правосудството. За тоа, посочи, се залагаме и ние како држава, но и нашите европски партнери. Појасни дека принципите за кои се залагааат веќе се прифатени или имплементирани во нашето законодавство, дел од претходната, а дел од оваа власт.
Верувам дека е можно сите заедно да застанеме зад едно квалитетно решение со кое ќе овозможиме прво ние политичките чинители да имаме доверба, а секако и граѓаните, бидејќи ќе има сериозен импакт во делот на борбата против криминалот, корупцијата, но и средување на правните норми во земјава, изјави премиерот Зоран Заев во Куманово.
Comments are closed for this post.