Имаме Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија во чии рамки е формирана експертска историска и образовна комисија која веќе најде решение за заедничко чествување на пет историски личности или три историски периоди. Тоа се Св. Кирил и Методиј, Свети Наум и Климент Охридски и Цар Самоил. Ние чествувањето веќе и го правиме, нашите претседатели, премиерите ние во Ватикан го правиме, сме се поклониле пред споменици, дури и некои поклони и заедничко чествување сме правеле пред споменици на ликови и херои кои се дел од нашата заедничка историја, ги чествуваат двете земји, а се уште пред работната група или експертската комисија не се утврдени. Апсолутно никој ниту бара, ниту треба, ниту тоа се дискутира за промена на историјата и слично.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев, кој рече дека историјата е факт кој е непобитен и кој може секогаш да се најде во својата мултиперспективност која постои во дефинирањето на историјата и за тоа подобро можат да дадат одговори и историчарите.

Петте точки плус една Бугарите како етничка заедница да бидат спомнати во нашиот Устав, посочи премиерот, е нешто кое низ периодот пред нас, немаме проблем да го вградиме пред полноправното членство во ЕУ.

– Другите пет точки се дел од протоколот или патоказот кој и ние го понудивме и уште еднаш ќе напоменам тоа се точки кои се веќе познати на јавноста односно дефиницијата на краткото и долгото име за употреба дека не смее да предизвикува побуди кај никој од страните, впрочем дури и кај никој од соседите, дека Македонија е исто како Република Македонија, нема никакви територијални претензии кон никој од соседите вклучително и Бугарија. Второто е за немешањето во внатрешните работи и малцинските прашања, третото е работата на Комисијата за историски и образовни политики во делот на дефинирањето на најмалку пет пати да се состануваат во годината, да испорачуваат решенија и дефинирањето како тоа меѓувладината конференција после го утврдува, како се објавува во јавно гласило, така и да се спроведува. Четвртото е рефлексиите од комунистичкото организирање на општеството согласно декларацијата која нашиот Парламент ја има донесено во 2006 година кога дефинитивно се осудија актите на тогашното уредување врз граѓаните на Република Македонија меѓу кои и тогаш имало припадници на бугарската етничка заедница, односно граѓаните на Република Македонија кои себеси се самоидентификувале како Бугари и петтото е говорот на омраза, како државата во иднина да негува градење на тоа пријателство низ повеќе елементи, како промптно и благовремено да реагира и многу слични детали, рече Заев.

Посочи дека тие се темите на кои се разговара, важни се за градењето на пријателството, добрососедството и соработката, логични се согласно Договорот за пријателство, соработка и добрососедство со Бугарија и додаде дека верува дека ќе изнаоѓаат начини за решавање.

– Многу е важно да го воспоставиме духот на пријателството и тоа истовремено тие пет плус една точки на кои се разговара да бидат заедно со позитивната одлука од страна на Бугарија за деблокада на нашиот процес за интеграција во ЕУ, како и закажувањето на првата меѓувладина конференција. Важно е да испратиме пораки на пријателство, се работи за две соседни земји, за еден од нашите први соседи од вкупно пет кои ги имаме. Добро е за граѓаните на Македонија, но добро е и се граѓаните на Бугарија и оттука нема никакви дилеми дека тоа што денеска го правиме е навистина одговорноста за каква историја денеска испишуваме затоа што согласно тоа таква иднина им оставаме и на младите, на децата и на идните генерации, додаде Заев, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата