Премиерот Зоран Заев од Брисел порача дека можното одлагање на одлуката за датум за преговори од страна на ЕУ ќе ја стави во опасност владата и може да ги врати националистичките сили на власт, јави дописничката на МИА од Брисел.

Премиерот оваа изјава ја даде пред избрана група новинари од странските медиуми осврнувајќи се на гласањето во германскиот Парламент, од кое во голем дел зависи одредувањето на датумот за преговори од страна на ЕУ.

За секоја одлука која се однесува на проширувањето на ЕУ, неопходно е претходно Бундестагот да даде зелено светло. Следниот рок за одобрување на одлуката од страна на Берлин е 28 јуни, по што министрите на ЕУ би можеле да го одредат конечниот датум во втората половина на јули, кога повторно ќе се состанат во Брисел.

Повторно одлагање, вели Заев, го зголемува ризикот за владата.

„Бундестагот мора да испрати порака, ако не донесат одлука на седницата неделава, најверојатно имаат шанса за тоа на крајот на јуни, ако не го сторат тоа, тогаш останува за Советот на ЕУ во октомври, што значи дека Бундестагот би гласал во септември. И тогаш постои ризик да го изгубиме мнозинството во Собранието, затоа што навистина сѐ дадовме“, рече премиерот Зоран Заев.

Тој објасни дека извештајот на Европската Комисија е најпозитивен до сега за Северна Македонија и дека сите без исклучок се согласни дека земјата треба да ги започне преговорите за членство. Заев нагласи исто така дека неговата влада направила суштински напори и презела голем политички ризик во процесот на усвојување на Преспанскиот договор, за што беше потребно двотретинско мнозинство. Оттука и опасноста пратениците, на кои им било ветено дека гласот за Преспанскиот договор и за уставните измени значи отворање на вратите на ЕУ, да изгубат доверба во власта.

Во случај Заев да го врати мандатот, речиси е извесно дека ќе треба да се одржат предвремени избори . На прашање на дописникот на француската агенција АФП дали постои ризик да дојдат на власт проруски и националистички партии, Заев рече дека не е исклучена оваа можност доколку ЕУ не испорача во својот дел.

„Разочарувањето кое ќе се појави кај нашите граѓани ако нема позитивна одлука на Советот на ЕУ ќе им даде надеж на националистичките сили, тоа значи дека ќе има граѓани кои ќе одлучат да ги поддржат националистичките, радикалните сили, и тоа не е добро за Северна Македонија и не е добро за регионот, рече Заев, додавајќи дека смета оти од македонска страна е направено сѐ што требаше и дека земјава чека да се отворат овие врати веќе петнаесет години.“

Сценаријата за претстојните министерски состаноци на ЕУ, рече Заев, се отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија во најдобар случај, неотворање на преговорите со ниту една од овие земји, што е најлоша варијанта, или отворање на преговорите со Македонија и одлагање на одлуката за Албанија за подоцна. Премиерот нагласи дека Холандија и Франција имаат поголеми резерви кон отворањето на преговорите со Албанија, но и дека Германците стравуваат од закани од албанска страна дека тоа би довело до нестабилност во регионот, посебно на Косово.

„Тие мислат дека ако отворат преговори со Северна Македонија, ќе се создаде проблем ако се остави Албанија и дека тоа би можело да има влијание врз Косово, тие стравуваат од закани од мојот пријател Еди Рама, за можни промени на границите или спојување со Косово, но јас не верувам во тие работи затоа што тоа ќе значи назадување од најмалку десет години за Албанија ако направат такво нешто, никој не сака такво нешто да прави“, порача македонскиот премиер пред странските медиуми.