Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Бугарија денеска го прекршила членот 2 од Договорот за добрососедство, во кој се вели дека соседот треба да и помага на Северна Македонија на патот кон членството од Европската Унија.

Имаме прва блокада од Бугарија. Денеска е прекршен тој член, ние ништо до сега не прекршиме. Ова е прво непријатно чувство, рече кусо Заев и дополни дека за тоа е информиран од Брисел, без да изнесе детали.

Тоа за него е непријателски сигнал и додаде дека тоа значи дека е стопирана првата фаза од креирањето на преговарачката рамка помеѓу Македонија и ЕУ.

Двете Договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО, стои во челнот 2 од Договорот за добрососедство со Бугарија.

Во понеделник е предвидена средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов во рамки на Берлинскиот процес, но Заев рече дека можеби нема да дојде до средбата, откако претседателот на бугарската влада објави дека е позитивен на Ковид-19.

Ќе можеме да се видиме и поразговараме со Борисов ако е во добро здравје, ако не, ќе одржиме онлајн самит, додаде Заев.