Извештајот што Македонија го доби минатата недела е најпозитивниот извештај до сега откако сме држава кандидатка за членство, со чиста и безусловна препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство, оцени премиерот Зоран Заев, кој престојува во дводневна посета на Брисел, каде што оствари средби со претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, со еврокомесарот Јоханес Хан и со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини.

На средбата со претседателот Јункер и комесарот Хан дознавме дека Европската комисија во известувањето за изминатиот петгодишен мандат ја смести Северна Македонија и нејзиниот успех, на листата на 20 најголеми достигнувања на Европската унија во овој период. Тоа е за нас огромно признание и уште поголем поттик“ – изјави премиерот Заев, додавајќи дека за 12 месеци, земјата ги завршила реформите во целост и темелно ги имплементирала Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија.

Премиерот оцени дека земјата е пример за соработка и пријателство во регионот, а дека на внатрешен план е општество што покажува политичка зрелост и европски манири.

Целосно сме подготвени за почеток на преговорите. Сега, на потег се државите членки и институциите на Европската унија. На потег е Европа да покаже дека стои на зборот. Тој потег треба да биде јасен и исклучиво врз основа на нашите заслуги, а во интерес на развојот на Унијата и во интерес на перспективите на целиот наш регион“ – нагласи премиерот.

Заев истакна дека Европа е силна и уникатна затоа што секогаш знаела да води и внатрешни реформи и политика на проширување.

Во исто време, отворањето на преговорите за нашето пристапување во ЕУ е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност, и за одржување на реформскиот импулс во Северна Македонија, со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан“ – потенцираше премиерот Заев.

Во својот дел од обраќањето на прес конференцијата заедно со премиерот Заев и комесарот Хан, Јункер му честиташе на Заев и на целата држава за историските чекори преземени во претходните две години и нагласи дела земјата е светол пример во регионот и пошироко. Јункер истакна дека Македонија е подготвена за следниот чекор, за отворање на преговорите и дека тој ќе ја брани земјата и овој став секогаш.

Еврокомесарот Хан во неговата изјава нагласи дека Македонија ги исполнила сите задачи што беа побарани од неа и дека сега е на ред Европскиот Совет да го исполни ветувањето од минатата година и да го потврди датумот за отворање на поглавјата, а со тоа да ја направи Македонија гарант на мирот и просперитетот во регионот.