Членовите на работната група што ја креираа нацрт-концепцијата, Виолета Петровска-Бешка и Кирил Барбареев, на јавната собраниска расправа во организација на Комисијата за образование, наука и спорт ја презентираат нацрт-концепцијата за реформа на основното образование

Целта на реформата е да го осовремениме нашето образование со нов модел инспириран од образовните системи на развиени земји во светот и со нашите автентични состојби да создадеме национален, македонски модел на основното образование.

Вака премиерот Зоран Заев накусо ја отслика предлог-концепцијата за основно образование на јавната собраниска расправа што започна денеска.

„Овие денови се слушаат гласови дека брзаме со образовната реформа. Моето мислење е спротивно – ние доцниме со реформите во образованието. Тие требаше да се случат пред десетина години зашто како неопходност ги наметнуваше исклучително брзиот развој во сите општествени сфери кои бараат образование во чекор  со динамичните и прогресивните промени. Кога велам доцниме, истовремено велам дека и нема да избрзаме. Првпат во последната деценија во нашата држава се прават реформи на транспарентен начин и вклученост на сите страни, а во најдобар интерес на учениците“, изјави заев.

Министерката Мила Царовска посочи дека реформите во образованието се нужни, зашто се во интерес на сите деца, кои учат од неквалитетни учебници, следејќи несоодветна програма, што нанесува огромни штети на младите генерации.

„Сите истражувања потврдуваат дека нашите деца не се стекнуваат со потребните вештини и не можат да го развијат својот полн потенцијал поради лошиот образовен систем. Податоците од ОЕЦД, УСАИД, значат уништени генерации и запоставени и заборавени идни човечки потенцијали“, смета Царовска.

Членовите на работната група што ја креираа нацрт-концепцијата, Виолета Петровска-Бешка и Кирил Барбареев, на јавната собраниска расправа во организација на Комисијата за образование, наука и спорт ја презентираат нацрт-концепцијата за реформа на основното образование.

На неа присуствуваат претставници на Владата, МОН и од органите во негов состав, од државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, од МАНУ, невладини и меѓународни организации…