Изразувам жалење што моето интервју предизвика силни негативни емоции за кои сум свесен и ги разбирам, но имам обврска да ги поттикнам македонските граѓани за изнаоѓање решение, изјави премиерот Зоран Заев на прашање поврзано со интервјуто дадено за БГНЕС.

Во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија.
И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување.
Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија која е пример како во име на иднината, најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото.
Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите.
Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот.
Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија.
АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет.
Но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст.
Темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа.
Иако постои затоплување на односите меѓу Југославија и Бугарија по учеството на бугарските армии во борбата против фашистите, по 1948 година факт е дека постоеше „железна завеса“ помеѓу Југославија и Бугарија и сериозни историско-политички конфликти околу „македонското прашање“.

Денес треба да работиме на отстранување на последиците од „железната завеса“ кои се уште се осеќаат меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Историјата треба да не учи дека можеме и поинаку, дека можеме и подобро, дека треба да соработуваме, но и меѓусебно да ги почитуваме разликите помеѓу нас.
Само почитување на разликите и заедничка борба против говорот на омраза и нетолеранција во македонското и бугарското општество можеме да градиме добрососедски односи и заедничка иднина.
Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да градиме заедничка иднина. Нам ни треба историја која гради мост на пријателство меѓу народите, преку глава ни е од истории кои создаваат раздор и поттикнуваат нетрпеливост.
Дајте да живееме денеска. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации“, кажа Заев.

Антифашистичкото минато е дел од моето семејство и од мојот град, и јас имам дедовци и баби учесници во НОБ, но наша должност како нација и граѓани, а посебно моја како премиер, е да ги правам исчекорите и да градам пријателство низ призмата на Европската унија, бидејќи огромното мнозинство е за членство, рече денеска премиерот Зоран Заев од селото Гиновци.

Ова претседателот на Владата денеска го истакна како резултат на вчерашните бурни реакции на социјалните мрежи од страна на голем број на граѓани кои го потенцираа сведоштвото на нивните предци во Втората светска војна, по интервјуто на Заев за БГНЕС.

Европските народи се договорија да не заборават и да си простат Европската унија е пример како историски конфликти оставија зад себе. Со таа намера продолжувам додека не го остварам стартот на преговорите. Нашата држава е резултат на антифашизмот, вековниот идеал е остварен со Асномска Македонија. Давање етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Темните страници не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа. Во тогашна Југославија постоеше железната завеса и факт е дека се разладија односите. Треба да работиме на отстранување на последиците и од таа железна завеса чии последици се уште се видливи помеѓу Македонија и Бугарија, рече денеска Заев пред новинарите.

За интервјуто со бугарскиот новинар рече дека не знае дека ќе ги подобри позициите на Македонија во омекнувањето на ставот на Бугарија кога станува збор за допуштање на датум за преговори со ЕУ, но дека во интервјуто се водел од желбата да помогне во евроинтегративните процеси, без да калкулира за својот политички рејтинг. За јазикот, вели дека денеска посебно постојат македонски литературен и бугарски литературен јазик.

– Јазиците доминантно потекнуваат од старословенскиот јазик, но тие не прават блиски регионално бидејќжи зборот „рака“ кај нас е „р’ка“ во Бугарија и „рука“ во Србија,. рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.