По одлуката за оставка која вчера ја најави пратеникот Павле Богоевски, премиерот Зоран Заев рече дека верува оти можат да најдат начин за идни соработки. На ова утрово стигна реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

„Зоран Заев и Павле Богоевски се криминалци. И за Заев и за Богоевски постојат тонски записи од вршење на криминал. И Заев и Богоевски се криминалци. Заев и Богоевски можат да соработуваат само во затвор“, се наведува во реакцијата испратена од опозициската партија.

Според нив оставката на Богоевски е само затскривање на големите криминалци во владата, како Зоран Заев.

Тој иако целата јавност го виде како бара мито во висина од 200.000 евра се уште е на слобода затоа што судството е под негова контрола. Претходно Заев беше аболициран за криминал тежок 8 милиони евра. Заев пред целата македонска јавност во ек на кампањата за референдумот повика на поткуп за гласање, а разрешница за случајот нема.

Оставката на Богоевски е само бледо затскривање зад моралноста, а Заев кој е жив фатен во криминал се уште е на позицијата премиер, а постапките против него се прекинати. Наместо само оставка потребна е кривична одговорност. Вистинската казна треба да стигне преку правосудните органи и непречено одвивање на кривичната постапка. Местото на Богоевски не е во политиката исто како и на Заев, неговото место е во некоја казнено поправна установа, каде друштво ќе му прави Зоран Заев, кој исто така ќе одговара за своите криминали по враќањето на правната држава“, стои во реакцијата од партијата.