Предлогот за пристапување кон измена на Уставот од формално-правна, но и од материјално-правна причина не смее да биде усвоен од пратениците во Собранието на Република Македонија, бидејќи истиот ги крши темелните вредности на уставниот поредок и неколку члена од Уставот, рече денеск на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Прво наведе тој,  Владата ја почна постапката за уставни измени, а Договорот е спротивен на Уставот и не е објавен во “Службен весник.

Ниту Договорот е во согласност со Уставот, а уште помалку е во согласност со Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори. Во чл. 118 од Уставот стои дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со  Уставот, што значи со закон објавен во „Службен весник“, се дел од внатрешниот правен поредок. Овој договор не е дел од внатрешниот правен поредок на земјата и не може да биде основа за менување на Уставот, потенцираше Стоилковски.

Исто така, додаде тој, со предлогот за пристапување кон измена на Уставот не се почитува волјата на над еден милион и двесте илјади граѓани кои не го прифатија Договорот од Преспа како основа за менување на Уставот.

Волјата на граѓаните изразена на референдум согласно Уставот е задолжителна за власта! Тоа е суштината на демократијата.  Уставот не прави разлика меѓу консултативен и задолжителен референдум, туку вели дека одлука донесена на сите видови референдуми е задолжителна, бидејќи волјата на граѓаните е суверена и е над власта, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму посочуваат дека загрижува и фактот што министерството за правда се иззема од уставните измени и како надлежен претставник го става министерот Никола Димитров како шеф на МНР што е до сега невидена пракса.

Секогаш измени на Уставот предлага Министерството за правда овој пат одлучи да избега од процесот од необјаснети причини, рече Стоилковски.

Тој обвини дека продолжуваат манипулациите на власта за смена на Уставот и покрај јасно изразената волја на граѓаните изразена на референдумот.

Граѓаните со апстиненција испратија гласна порака дека капитулантскиот договор не се прифаќа. Таа треба да биде испочитувана од сите пратеници, од сите институции, првенствено Собранието кое што го распиша референдумот, а потоа и од извршната власт. Зоран Заев не е, ниту може да биде над народот, пораа партискиот портпарол.