ВМРО-ДПМНЕ најавува нова доктрина и кадровски промени по Конгресот на којшто ќе се избира нов лидер на партијата в недела.
Од партијата исто така брифираа дека лидерот Христијан Мицкоски на самиот Конгрес в недела ќе најави сериозни кадровски освежувања што ќе се случат по Конгресот, во согласност со новите политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на новата доктрина, која, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде нова водилка на партијата во наредниот период, и која ќе биде разгледана на Конгресот, неофицијално ќе стои дека „основна цел на ВМРО-ДПМНЕ во овој временски момент, е кај граѓаните да ја возобнови надежта дека може да се живее добро дома во Република Македонија“.
Во доктрината натаму, неофицијално ќе стои, „секој обид за отворање дискусија, на билатерален или мултилатерален план, околу идентитетските прашања и карактеристики на македонскиот народ, по автоматизам води кон проблематизирање на македонската самобитност и единственост. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори за праведноста и почитта кон македонскиот народ и држава во меѓународните односи“.
Од ВМРО-ДПМНЕ неофицијално брифираат дека партијата нема да потпише и поддржи евентуален договор со Бугарија што би излегол од рамките на Резолуцијата изгласана во јули годинава во Собранието за црвените линии во преговорите, а поддржана од сите парламентарни партии.
Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат исто така дека „остануваат на ставот за брзи предвремени избори како единствен излез од кризата“.
Во однос на тоа дали ќе го поддржат Буџетот за 2022 година, брифираа дека нивните пратеници се присутни во Собранието за буџетот, но истиот, како што велат, „не одговара на потребите на граѓаните за соодветно справување со кризата“.
Досега, како што велат оттаму, за претседател на партијата е поднесена само една кандидатура, на Мицкоски, а рокот за поднесување кандидатури е до самиот Конгрес, односно до сабота вечер.
Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи в недела во спортската сала „Јане Сандански“, со присуство на над 500 делегати. Од десет до 12 часот е предвидена регистрација на гостите и на делегатите. Конгресот во 12 часот ќе го отвори Ѓорѓи Сајковски, а претседавач на работното претседателство ќе биде Александар Николоски.
После тоа ќе следи затворен дел на којшто ќе присуствуваат само делегати. Од 16 до 17:30 часот ќе биде паузата за гласање, по што е предвидено обраќање на новиот претседател на партијата.
Од партијата брифираат дека ќе се почитуваат строгите Ковид протоколи, а на самиот влез ќе се проверува вакцинален сертификат или негативен тест на сите присутни.
Comments are closed for this post.