Ревизијата е чист политички договор и нема да донесе ништо ново за случајот „Монструм”. Ваков е ставот на оштетените во предметот за петкратното убиство кај Смилковскио Езеро. Раде Славковски, таткото на убиениот Филип, и Горан Наќевски татко на убиениот Александар го делат истиот став, дека политиката не треба да се меша во судството. Тие во изјава за МКД.мк велат дека со ова, после речиси 10 години им се отвора повторно болката за загубата на нивните деца.

Славковски порачува дека политичарите не може да бидат и судии и дека политичкиот договор меѓу Заев и Гаши е нефер потег кон нив.

Ревизијата нема да донесе ништо ново, само подгрева сомнеж дека политика се меша во судството, а тоа не треба да е така. Веројатно овој договор е за да се направи Влада и нашиот случај се користи за тоа. Премиерот Зоран Заев веројатно дава сè што ќе му се побара и тоа не е фер кон нас како оштетени. Со овој потег докажаа дека политика се меша во судството. Заев не може да биде и судија и да си игра со нашите деца. Потресени сме од ова што се случува, повторно ни се враќаат емоциите. Страшно е и тешко 10 години да не се реши овој случај. Се помиривме со тоа што им беа намалени казните на дел од обвинетите. Преку глава веќе ни е од судови 10 години, срамота е. Договорот кој го направија нас ни е дополнителна траума, вели за МКД.мк Славковски.