Лагите, неработењето, негрижата од страна на влада предводена од СДСM заедно со министерката за труд и социјална политика најмногу ги чувствуваат младите. Министерката Мила Царовска на „Светскиот ден на вештините на млади“ повторно успеа да претстави нереални и невистинити податоци, реагира со соопштение ВМРО-ДПМНЕ.

„Гаранцијата за младите остана уште едно неисполнето ветување на СДСМ и Царовска. Заев и Шекеринска во предизборната кампања ветуваа дека ќе им се овозможат на младите да добијат грантови за отворање на сопствен бизнис во вредност од 10 илјади евра, а минатата година АВРМ не додели ниту еден таков грант.

Лажни податоци се пласираат на граѓаните. Откако СДСМ е на власт очигледно е доцнење со донесувањето на Оперативниот план. Тоа како да не беше доволно за СДСМ па во 2018 година го укинаа и Оперативниот план за вработување на млади лица“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека Оперативниот план за вработување на млади лица го вовела владата на ВМРО-ДПМНЕ, акцентот бил ставен на вработување на млади лица, обуки за ИТ вештини, практиканство и слично.

„ВМРО-ДПМНЕ отвори нови над 170.000 работни места, ги креираше сите мерки за вработување, ги воведе и успешно ги реализираше 10 години.

Оваа криминална Влада може да се пофали само колку млади избрка и колку фабрики не се отворени“, се вели во истото соопштение.