Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ до Собранието денес поднесоа предлог на закон за изменување и дополнување на законот за Влада.
– Со овој Предлог на Закон, ние предвидуваме и бараме бришење на одредбите од законот за начинот на избор на Владата кои предвидуваа сто дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова, преодна Влада, рече на прес конференција, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Според Мицевски, во овој момент, кога се актуелни неколку кризи и кога владее општ хаос во државата, Македонија не смее и не може повеќе да губи ниту ден, а не пак сто дена за техничка Влада, која што нема да реши ниту еден од проблемите со кои се соочуваат државата и граѓаните.
-Втората клучна интервенција во овој предлог на закон е тоа што предлагаме и бараме согласно Деловникот за работа на Собранието, овој Предлог на закон да биде ставен како точка на дневен ред за работа на Собранието на Република Македонија која што треба да се одржи во среда. Токму од овие причини, овој Предлог на закон го поднесовме по скратена постапка. Дополнително, сакам да ја информирам јавноста дека денес на редовната понеделничка координација кај претседателот на Собранието, ги понудивме овие измени за законот за поддршка и потпис и до парламентарното мнозинство, но тие не се изјаснија по ова прашање. Очигледно тие се уште немаат став и желба за надминување на оваа катастрофална состојба во која што се наоѓа Република Македонија. Очигледно, тие се плашат од гласот на народот и се плашат од брзи и предвремени парламентарни избори со кои што граѓаните ќе добијат народна, ефикасна и посветена Влада насочена исклучиво кон решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, истакна Мицев.
Тој нагласи дека очекуваат барањето да се стави како точка на дневен ред на седницата која што ќе се одржи во среда, согласно Деловникот, да биде прифатено и, како што рече, да добијат можност пред целата македонска јавност да дискутираат и аргументирано да дебатираат за оваа проблематика и за клучната потреба од измени на Законот за Влада.
-Единствен излез и решение за Македонија и сите нас се брзи предвремени парламентарни избори и народна Влада, која што веднаш ќе ги засука ракавите и посветено ќе работи на излез од оваа безизлезна и катастрофална состојба, заклучи Мицевски.
Comments are closed for this post.