Бришење на Специјалното јавно обвинителство со новиот закон за Јавно обвинителество и неговото вклучување во државното обвинителство како и канцеларија на обвинителот која ќе биде одвоена од судот, се едни од клучните барања на опозициската ВМРО-ДПМНЕ наведени во предлог-амандманите.

Денес доцна попладне во рамки на средбите на работните групи треба заедно да ги отворат шеесетината амандмани со министерката за правда Рената Дескоска. Според тоа што се содржи во дел од амандманите, за кои дознава Пресинг ТВ, иако работните групи ќе седнат на иста маса, сепак нивните позиции се уште многу далеку.

Пресинг ТВ дознава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бара Јавното обвинителство, согласно таканаречените „Кубански правила“ да биде надвор од зградата на судовите. Друга клучна одредница е јавните обвинители дека не треба да иницираат или да продолжуваат со гонење или да вложат максимални напори за да ја задржат постапката кога непристрасната истрага покажала дека обвинението е неосновано.

Што се однесува до Специјалното јавно обвинителство, популарното СЈО, најголемата опозициска партија го брише во новиот закон и го инкорпорира во основното јавно обвинителство како одделение на специјалното обвинителство. Во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ предлага ОЈО да се интегрира со променет назив како „Јавно обвинителство за организиран криминал, корупција и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите”.

Покрај дефинираната надлежност, опозицијата бара да ги доврши започнатите постапки и да ги уништи материјалите од незаконското следење на комуникациите и тоа тие што не се поврзани со конкретните постапки веднаш, а тие што се врзани со постапки, во рок од една година од правосилноста на пресудата.

Во образложението ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека Специјалното јавно овинителство, во текстот на целиот закон, е ставено во надредена позиција во однос на другите обвинителства и предложените законски решенија за ова обвинителство се целосно неуставни и спротивни на постоечките законски решенија.

„СЈО ја исполни целта заради која беше формирано и повеќе нема потреба од негово постоење, со што сите одредби во овој закон кои се однесуваат на Специјалното јавно обвинистелство, треба да се избришат“, сметаат експерти во најголемата опозициска партија.

Јавен обвинител на предлог на опозицијата

Јавниот обвинител да се избира по предлог на најголемата партија во опозиција а кој ќе го именува македонското  Собрание за време од шест години со право на повторно именување, бара ВМРО-ДПМНЕ. Образложението е заради оневозможување на влијание врз обвинителите од страна на Владата.