Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара неотповиклива оставка од пратеникот Павле Богоевски, по скандалот со објавената снимка.

Павле Богоевски веќе нема кредибилитет да ги претставува граѓаните во Собранието на Република Македонија и заради тоа мора да си поднесе неотповиклива оставка. Само така ќе се овозможи професионална и непристрасна истрага за тоа од кого нарачувал „половина“ и таа да му биде убаво спакувана. Веруваме дека на тој начин ќе се открие нарко синџирот кој што делува низ Скопје. Само така СДСМ може да покаже дека Македонија станува европска држава, каде постои одговорност. Само така ќе направиме исчекор во однос на минатото кога сите кокаински афери, особено со СДСМ на власт остануваа без разрешница“, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој потсети на како што рече најголемите афери поврзани со наркотици во државава:

Прво во 1997 година, во екот на севкупна власт на СДСМ во Република Македонија, во услови исти како и сега, од Депото на МВР, значи од условно најбезбедното место во државата, исчезнуваат 28 килограми кокаин! Никогаш, никој не одговараше, а тогашниот министер Томислав Чокревски не поднесе ниту една кривична пријава за овој случај!

Стои сведочење на Павле Трајанов, денес еден од оние во пупката на Заев, кој сведочи дека тој во 1998 година, како министер иницирал истрага за кражбата на кокаинот, но тогашните директори на јавна безбедност и на ДБК, независно еден од друг, му посочиле дека Чокревски, ја сопрел истрагата на крим полицијата по директна наредба на тогашниот лидер на СДСМ и премиер Бранко Црвенковски. Причината беше јасна во јавноста, дека дрогата завршила кај нарко бос, криминалец со звучно име тогаш близок до власта, а Црвенковски никогаш не ја негираше поврзаноста и употребата на кокаинот за што беше јавно повикуван по медиумите. За потсетување директор на БЈБ тогаш бил Диме Ѓурев, а шеф на неговиот кабинет му беше Стево Пендаровски.

Одиме на втор случај во 2007 година- Станислава Чочоровска беше фатена како организира транспорт на половина тон кокаин во канти од поликолор. За 436те килограми кокаин беше осудена на 14,5 години затворска казна. Нејзин адвокат, бранител, во судскиот процес и беше адвокатот Љубомир Михајловски Џанго. Е сега, Михајловски, ја бранеше Чочоровска една година откако беше министер од СДСМ за внатрешни работи. Во неговото професионално досие стои дека бил потсекретар во МВР и виш поранешен инспектор за недозволена трговија со дрога. Одличен пример за соодветен бранител за трговија со кокаин од Венецуела до црногорското пристаниште Бар, со крајна дестинација Грција! За овој случај дури и судот во Стразбур пресече дека при судењето не било повредено правото за правично судење. Имајќи ги предвид актуелните пресуди за шверц, а пресудата за ексградоначалникот Боро Малборо е пример, веројатно денес би и се судело за дело во обид, со многу помала казна!

Пред две години Сеад – Сетко Рахиќ, братот на поранешниот пратеник на СДСМ, Есад Рахиќ, беше осомничен за трговија со дрога, како организатор на криминална група која продавала кокаин во Скопје и други градови низ Република Македонија. При претресот покрај дрогата беше пронајден и широк арсенал на оружје. Рахиќ често е фотографиран со Зоран Заев, а според јавноста, со чии писма наводно се фалел со ветувања за слобода од затвор. По доаѓањето на СДСМ на власт беше пуштен од затвор, па во вооружен инцидент го нападна лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски и тоа во изборен ден.

Доаѓаме до пратеникот Павле Богоевски, пратеник, наводно независен, близок до Зоран Заев, за кој има аудио снимка, која тој ја потврди, за трговија на нарко пазарот! Само што се обидува тоа да го ублажи со емотивни лични исповеди, што не поминуваат во јавноста. Кога сета јавност очекуваше осуда, тој ужива во вербално помилување од Зоран Заев како насока како да постапуваат МВР и Обвинителите. И замислете наместо пратеникот кон него, фокусот се става врз тоа аудио парче кое што се рашири по социјалните мрежи. Уште едно срамно однесување на СДСМ кон нарко пазарот!, рече Стоилковски.