Власта тоне во својата бесрамна однароденост. Се уште нема никаква реакција од власта, нема одговори по тешките навреди, нема одговорност по се оно што го кажа министерот за надворешни работи, Никола Димитров за македонскиот народ. За Димитров македонскиот народ е искомплексиран. Па ако во македонското Собрание тој тоа го вели, како ли и дали воопшто ги брани македонските национални интереси надвор од земјава?, праша на денешната прес-конференција Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ

„Нема реакција од власта ниту за Спасовски, министерот за прогон и терор, и по сите црнила на улиците и цветањето на криминалот низ државата. Мора итно да се стави крај на црнилото во која што СДСМ на чело со аболицираниот Зоран Заев ја зави Република Македонија. Ќе повторам, оваа наметната власт не води битка за добробитта на народот, оваа власт води битка со народот, со опозицијата, води битка за што поголемо омаловажување на народот, за економско пропаѓање на државата и граѓаните преку повисоки даноци кои што го осиромашуваат и бизнисот и работниците, оваа власт води битка со јасно изразената волја на граѓаните злоупотребувајќи ја најмоќната алатка на демократијата – референдумот!“, истакна тој.

Стоилковски ги повтори барањата на Коалицијата „За подобра Македонија“: итна и неотповиклива оставка на однародениот министер којшто својата нација ја нарече „искомплексирана“ нација, итна и неотповиклива оставка на министерот за терор и прогон, Оливер Спасовски, да сопре иницијативата од Владата за покачување на даноците, веднаш да продолжи проектот за гасификација, и тоа од централно до општинско ниво,  веднаш да се формира независно тело кое ќе се занимава црниот Вотергејт на Заев, прислушувањето на обвинители и сите судии.

„Почитувани, ВМРО-ДПМНЕ во име на Коалицијата и во име на слободната мисла и слободно изразената волја на народот, бараме почитувања на јасно изразената волја на народот на референдумот. Не смее да се изигрува референдумот, кој што однародената власт не успеа да го намести, да го фингира и покрај сите манипулации со брзо гласање. Не смее да се продолжи со изигрување на демократијата со непочитувањето на најдемократската алатка и волјата на граѓаните“, додаде Стоилковски.

Тој за утре најави нови протести, како и наредната среда, во 17 часот..