Лидерот на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за законите за Обвинителството, адвокатот Тони Менкиноски, денес на прес-конференција претстави Принципи и насоки на опозициската партија во донесувањето на Законот за Јавното обвинителство. Од поставените три услови може да се заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да служи за декор на власта во донесувањето на важни закони, кои повеќе се шминка отколку суштинска промена.

„Во насока да се реформира и реорганизира организациската структура на Јавното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ бара да се прифатат следните три принципи: целосно имплементирање на меѓународните стандарди кои се однесуваат на Обвинителството и обвинителите, принцип на заштита на човековите права и принцип на независност, неутралност, отчетност, ефикасност и ефективност во борбата со криминалот“, рече Менкиноски.

Тој денес јасно стави до знаење дека доколку не се прифатат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ тогаш тие утре нема да дојдат на предвидениот втор состанок на работните групи кои се водат со СДСМ.

Менкиноски рече дека во предложениот закон за Јавното обвинителство, кое е копи пејст на хрватскиот, недостасува меѓународната пракса, односно наведени се 11 темелни акти, пред се на Комитетот на министрите на Советот на Европа, Венецијанската комисија и Комитетот на ОН за превенција на криминалот и кривично право.

„Обвинителствотото треба да штити и гони, а не да одлучува. За жал опасностите што произлегуваат од недостигот на истрага или гонење е потешко да се балансираат“, предупреди тој.

Како ултимативен услов ВМРО-ДПМНЕ бара јавниот обвинител да го предлага опоицијата. Потоа, Менкиноски рече дека се предлага и формирање на посебно одделение за следење на европската регулатива и прецедентното право на Европскиот суд за човекови права што ќе овозможи правилна примена на законите и судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Тој на прес-конференцијата истакна дека се бара „почитување на Препораката на Комитетот на Министри при советот на Европа.

„Постапките кои се засноваат на нелегитимно собрани докази  од нелегитимен орган не можат да бидат предмет на било каква постапка во македонскиот правосуден систем“, истакна Менкиноски.

Тој додаде дека согласно европската пракса „прислушувањето и другите форми на следење на телефонските разговори преставуваат сериозно мешање во личниот живот и коресподенцијата и врз основа на тоа треба да се предвидени и засновани врз основа на „закон”, кој е особено прецизен. ”

„Сето претходно наведено дава апсолутен нелегимитет на постапките кои се започнати од страна на Специјалното јавно обвинителство во периодот од 30 Јуни 2017 година како и доказите употребени после овој период од страна на ова обвинителство!

Кои се ултимативните барања?

По принципот земи или остави, ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ ги доставува следните барања:

– избор на Јавниот обвинител по предлог на опозицијата

– согласно принципот на отчетност Специјалното обвинителство да ги доврши  започнатите судски предмети кои се поднесени до 30 Јуни 2017 година и согласно со законот да престане да ја извршуваат функцијата сегашниот персоналниот состав на ова обвинителство

– да се формира Анкетна комисија која ќе ја оцени неговата работа од страна на Собранието на Република Македонија;

– согласно принципот ефикасност и ефективност во борбата со криминалот, новото одделение на Специјалното обвинителство при Обвинителството на организиран криминал и корупција да отвори и предложи предуслови за испитување на претходни коруптивни и инкримирани дејствија кои за Македонската јавност останаа неразјаснети.