Платформите на Матка нема веднаш да се уриваат, туку ќе се чека да завршат сите законски процедури по што ќе се донесе конечната одлука, изјави денеска градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, кој уверува дека дотогаш општината ќе ги одбие барањата за легализација на трите бесправно изградени платформи на Матка.

„Барањето за легализација на едната платформа, онаа на која функционира ресторан, е веќе одбиено, но барателите поднесоа жалба. За другите две платформи барањата се уште не се одбиени, но нема да ги одобриме. Сите имаат право на жалба до второстепената комисија и за уривање мора да чекаме да заврши целосната правна процедура,“ рече градоначалникот Блерим Беџети.

Легализација на новата платформа побарал Исмаил Саиди, а барање за легализација на платформата на која веќе се изнајмуваат чамци, поднел Амет Саиди. Одбиеното барање е од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, посочи Беџети и додаде дека за да се испочитувааат сите процедури пред да се одлучи за уривање може да поминат и месеци.

Тој додава дека идејата на општината била ако има простор правно да се најде решение, во кое платформите би функционирале како урбана опрема. Според него многу е побитен концептот за Матка, отколку да се носат избрзани одлуки без да се почитуваат процедурите.

Проблемите, како што рече Беџети, почнале откако телефонски бил известен дека Градот планира да формира Јавно претпријатие за управување со Матка. Градоначалникот тврди дека во Матка се вплеткани различни интереси, но не сакаше да каже чии.

Комисијата за спречување на корупција на вчерашната седница донесе одлука да отвори постапка за објектот што се гради на Матка.